Околу 1.200 инфраструктурни проекти со поддршка од Владата во моментов се реализираат низ општините во земјава, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски, оценувајќи дека станува збор за голем инвестициски циклус во локалната инфраструктура.
Според Коцевски, проектите опфаќаат патна инфраструктура, водоводи и канализации, животна средина, образование, спорт, култура и социјална политика, а средствата се обезбедуваат и преку двата јавни повици на Владата за поддршка на општините.
Најголем број проекти, вкупно 814, се реализираат преку ресорот транспорт и врски, со вредност од над 11 милијарди денари. Од нив, според податоците што ги соопшти Коцевски, 382 се целосно завршени, а 432 се во напредна фаза на реализација.
Во областа на животната средина се реализираат 183 проекти вредни повеќе од три милијарди денари. Од нив 45 се завршени, а 138 сè уште се реализираат.
Во образованието се одобрени 55 проекти за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и терени. Седум од нив се завршени, додека на 48 сè уште се работи.
За спортот се реализираат 36 проекти во вредност од речиси 770 милиони денари, од кои 10 се завршени, а 26 се во тек. Во културата има 18 проекти со вкупна вредност од над 822 милиони денари, а во социјалната политика 10 проекти вредни повеќе од 771 милион денари.
Коцевски информираше дека 80 општини добиле средства за капитални инвестиции, меѓу кои проекти за патишта, детски градинки, спортски терени и комунална инфраструктура.
Според него, преку двата јавни повици Гази Баба и Прилеп добиле поддршка од по околу 12 милиони евра, Велес девет милиони евра, Дебар средства за 26 проекти, Битола за 81, Струмица за 13, Крива Паланка за пет, а Неготино повеќе од четири милиони евра за 12 проекти.
„Кога се зборува за бројки, секогаш е важно зад нив да се видат конкретните луѓе и конкретните места“, рече Коцевски, посочувајќи дека инвестициите треба директно да се одразат врз условите во училиштата, спортот, јавните услуги, комуналната инфраструктура и животната средина.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека целта е капиталните инвестиции да стигнат до сите општини, а не развојот да биде концентриран само во неколку поголеми градови.
„Денес може да кажеме дека Македонија е едно големо градилиште“, порача Коцевски, додавајќи дека граѓаните, без разлика каде живеат, треба да имаат подобра инфраструктура, јавни услуги и услови за живот.

