Уште еден нафтен танкер беше нападнат во Ормуската Теснина, откако бродот бил погоден од „непознат проектил“, соопшти Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО).
Инцидентот се случил во вторникот во протокот меѓу Иран и Оман. Според информациите објавени од УКМТО, агенцијата првично не даде попрецизна локација, поради што е нејасно дали танкерот бил погоден поблиску до брегот на Иран или до Оман.
Од УКМТО потврдија дека екипажот на бродот е на безбедно, додека идентитетот на напаѓачот засега не е познат.
Ова е втор регистриран инцидент на оваа рута за кусо време, откако британската агенција пријави напад врз танкер во близина на оманскиот брег и во текот на понеделникот.
Сообраќајот низ Ормуската Теснина во најголем дел продолжува да биде блокиран од страна на Иран преку закани и напади врз пловила.
Овој морски премин претставува клучна рута за глобален извоз на нафта, гас и вештачки ѓубрива од земјите од Персискиот Залив, поради што сите нарушувања на пловидбата предизвикуваат загриженост во светската економија.
Протокот стана централна точка во конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, иако пред избувнувањето на војната овој воден пат беше целосно отворен за слободна пловидба.

