Пожар во атарот на прилепското село Дуње целосно уништил викендичка, пчеларска опрема и околу 120 дрвени пчеларски сандаци, од кои 50 биле полни со пчелни семејства.
Случајот во ОВР Прилеп бил пријавен вчера во 12 часот. Пожарот бил активен во месноста Голем Рид, каде што огнот ја зафатил викендичката и објектите околу неа.
Според пријавеното во полицијата, целосно изгорела викенд-куќата сопственост на сопругата на М.Ч. од Прилеп, а притоа била уништена и разновидна опрема што се користела за работа со пчели.
Огнот зафатил и помошна просторија во која имало алат, како и околу 50 дрвени сандаци со пчелни семејства. Во близина на викендичката имало уште околу 70 празни дрвени сандаци, кои исто така биле уништени.

