Премиерот Христијан Мицкоски вели дека членството во Европската Унија е една од клучните стратешки цели на Македонија, но оценува дека земјата на европскиот пат направила низа отстапки без да го добие очекуваниот напредок. Ова го истакна во интервју за „Брајтбарт њуз“.
Мицкоски посочи дека европската интеграција е важна за безбедноста, економската стабилност и отпорноста на регионот, потсетувајќи дека Македонија го започнала процесот на приближување кон ЕУ пред повеќе од две децении.
„Да се биде дел од ЕУ е добро од многу причини за мојата земја и за граѓаните. Зборуваме за зголемување на безбедноста и отпорноста на регионот во целина“, рече Мицкоски.
Тој се осврна на промените и отстапките што, како што вели, Македонија ги направила во изминатите децении, вклучително и промената на знамето, валутата, Уставот и уставното име.
„Според многу бирократи од Брисел и од целиот свет, тоа требаше да биде последното нешто што го направивме. Но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа“, истакна Мицкоски.
Премиерот ги посочи спорот со Грција и актуелните несогласувања со Бугарија како главни пречки во процесот на европската интеграција, оценувајќи дека тие се поврзани и со прашања за идентитетот.
Мицкоски ја критикуваше и, како што ја оцени, контрадикторноста во односите со Бугарија, посочувајќи дека двете земји се сојузници во НАТО, додека во процесот на пристапување кон ЕУ постојат меѓусебни блокади.
Според него, ваквиот пристап претставува двоен стандард и има пошироки безбедносни последици, вклучително и за НАТО.
„Тие го ослабуваат јужното и источното крило на НАТО со тоа што нè ограничуваат да станеме дел од ЕУ“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека посилна македонска економија би значела и поголема отпорност на источниот дел на НАТО, како и можност за побрза модернизација на вооружените сили и поголеми инвестиции во инфраструктурата важна за логистичките цели на Алијансата.
Мицкоски оцени дека токму поради овие причини Македонија треба да стане членка на ЕУ и упати апел до САД и администрацијата на претседателот Доналд Трамп да го поддржат процесот на европска интеграција на земјата.

