Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во вилата „Билјана“ во Охрид го прими заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, којшто престојува во официјална посета на земјава.
Во пријатен разговор констатираа дека македонско-чешките односи, се одликуваат со традиционално пријателство, засновано врз меѓусебна почит и разбирање. Во делото на просветителите „Св. Кирил и Методиј“ препознаваат вредно заедничко наследство со огромна обединувачка моќ.
Главна тема на разговорот беше долгиот македонски и западнобалкански пат кон Брисел. Сиљановска-Давкова укажа дека дводеценискиот кандидатски статус за членство во ЕУ, не произлегува од неусогласеноста со европското право и пракса, туку од блокадите на некои соседи од ирационален идентитетски карактер.
Таа предупреди дека европската интеграција на Западниот Балкан е не само политичко и техничко, туку и европско безбедносно прашање.
Министерот Мацинка оцени дека местото на земјата е во Европската Унија. Според него, на Чешката Република и се потребни сојузници со слично минато, менталитет и култура.
Претседателката се заблагодари за чешката принципиелна и континуирана поддршка изразена преку иницијативата „Пријатели на проширувањето“, како и преку ангажманот на Чешката Република во рамките на Вишеградската група и форматот Славков.
Обајцата веруваат дека плодната соработка во економијата, туризмот, науката и образованието ќе продолжи, ќе се прошири и ќе зајакне.

