Пожарот што во понеделникот попладне избувна во атарот на прилепското село Чаниште, во прилепскиот дел од Мариово, сѐ уште е активен, но во овој момент не ги загрозува околните населени места, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, пред соседното село Крушевица е поставена добра одбрана. На терен дејствуваат прилепските и битолските пожарникари, специјалните тимови на ДЗС, доброволни пожарникари од повеќе градови, како и полициски хеликоптер и трите „ер-трактори“.
Состојбата на теренот е под контрола во однос на загрозеноста на селата, иако огнот зафатил стари објекти.
„Пожарот што во понеделникот попладне избувна во атарот на прилепското село Чаниште во прилепскиот дел од Мариово сѐ уште е активен, но во овој момент не го загрозува селото Чаниште ниту, пак, загрозува друго село затоа што пред селото Крушевица, кое е наредното село зад мене, е поставедена добра одбрана и не очекувам дека воопшто огнот ќе стигне до ова село, но и во случај доколку дојде, тој ќе биде сопрен затоа што во текот на ноќта го пресековме неколкупати. Во овој момент нема активен крак што се движи кон селото Крушевица, што не значи дека состојбата нема да се смени“, вели директорот на ДЗС.
Тој појасни дека огнот е испресечен на повеќе места и повеќе нема непрекината линија на горење, но во битолското село Орле сѐ уште се води борба со еден крак со помош на тешка механизација.
„Од оваа страна, од страната на Чаниште и Крушевица, работат прилепските пожарникари со поддршка на специјалните тимови на Дирекцијата – огнените тимови со четири „пинцгауери“, како и повеќе тимови на Дирекцијата составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница, кои исто така дадоа извонредни резултати. Повеќето од краците се испресечени. Ако линијата беше можеби повеќе од 20 километри, сега таа е прекината. Како што може да се види зад мене, имаме на едно место столб, на друго место, но немаме непрекината линија на горење. Голема работа ни заврши полицискиот хеликоптер, кој помогна да изгаснеме дел од сртот на кој не успеавме да поминеме со „пинцгауерите“, така што генерално состојбата е стабилна, што не значи дека не може да се влоши во кој било момент“, нагласи тој.
Ангелов истакна дека во селото Чаниште нема изгорени куќи во кои постојано се живее, туку се зафатени само стари и напуштени објекти, а Општина Прилеп обезбедува логистика за силите на терен.
„Одбранивме неколку манастири, неколку трла, еден пчеларник, но не успеваме насекаде да стасаме. Во селото зад мене не е изгорена ниедна куќа во која живеат луѓе. Огнот зафати повеќе стари и напуштени куќи, можеби пред 50 или пред 30 години. Проверуваме дали е изгорена куќа што некој ја користел повремено, во смисла викендичка. Но, дополнително ќе ги добиеме тие информации. Овде беше и градоначалникот на Општина Прилеп. Доколку на локалното население му е потребна поддршка, општината стои на располагање. Воедно, општината дава логистика на сите сили коишто учествуваат во гаснењето на овој пожар“, кажа Ангелов.
Гаснењето на огнот продолжува и во текот на утрешниот ден, а од ДЗС упатија апел до граѓаните кои поседуваат имоти во полунапуштените села задржително да ископаат или изораат заштитен земјен појас околу нивните дворови.

