Во Општина Аеродром нема утврдени жаришта на комарци, но локалната самоуправа во координација со здравствените институции и Град Скопје продолжува да презема мерки за заштита на населението, изјави градоначалникот Дејан Митески.
Одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи во ОУ „Александар Македонски“, Митески посочи дека општината ги следи препораките на надлежните и дека веќе е спроведено вонредно прскање против комарци.
- Жаришта нема утврдено, меѓутоа има заболени на територијата на Општина Аеродром и претпоставувам дека се поради контакт во некоја од контактните зони. Аеродром не е изолирана општина во Скопје со физички граници, така што лесно може да се пренесе од една во друга општина – истакна Митески.
Тој додаде дека Општината постојано соработува со Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Град Скопје.
- Ги следиме нивните препораки, се изврши вонредно прскање против комарци, така што секој следен чекор ќе го правиме во координација и соработка со овие институции, појасни градоначалникот.
Освен за дезинсекцијата, градоначалникот информираше и за активностите за расчистување на теренот по невремето што ја зафати општината пред еден месец, при што беа евидентирани над 120 паднати дрвја.
– Сто и дваесет дрвја не се отстрануваат за еден ден. Сите пристапни патеки, улици и паркинзи се комплетно ослободени, а остануваат поголемите дрвја за кои е потребна специјална механизација, најчесто во парковите каде што не го попречуваат секојдневното функционирање на граѓаните, информираше Митески.
Тој истакна дека расчистувањето се реализира во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈП „Комунална хигиена“ и најави дека активностите продолжуваат и во наредниот период.

