Министерството за здравство денеска ќе ги соопшти деталните резултати од контролата над општините за тоа како го спровеле прскањето против комарци, информираше министерот за здравство Сашо Клековски во гостувањето на ТВ Сител.
Тој посочи дека цело Повардарие е под зголемен ризик, бидејќи дел од регистрираните случаи на западнонилска треска во соседните земји се лоцирани токму околу Солун и по течението на Вардар.
– Во основа, ние завршивме со контролата на тоа што општините направиле во врска со прскањето. Резултатите, деталните резултати ќе ги соопштиме. На пример, во Град Скопје се направени 12 прскања, вкупно шест за возрасни форми на комарци и шест за ларви, рече Клековски.
Министерот нагласи дека не може јасно да се воспостави директна врска меѓу бројот на заболени од западнонилска треска и бројот на извршени прскања.
Како позитивен пример ја наведе Општина Илинден каде што се направени шест прскања од земја почнувајќи уште од април, за разлика од Студеничани каде нема дополнително општинско прскање освен редовното од Град Скопје.
Клековски објасни дека Скопско Поле е зона со најмногу застоена вода, канали и земјоделски површини, што создава поволни услови за комарците.
– Комарци има и покрај Вардар, а нема ниту еден случај во Центар или во Карпош. Поврзано е и со рутите на дивите птици кои се резервоар на вирусот. Во околу 250 видови птици го има вирусот, рече Клековски.
За заштита од ширење на вирусот потребен е комплексен пристап — лична заштита на граѓаните, рана дијагностика од здравствените установи и редовна дезинсекција од локалните власти.
Покрај редовните термини, по индикации се извршени дополнителни три прскања — две во Драчево и едно во Гази Баба (Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ), а во соработка со Град Скопје се детектираат новите критични точки со застоена вода.
Првиот случај на западнонилска треска во Македонија е регистриран во 2011 година, а досега се потврдени вкупно 54 случаи, при што најголем ризик од компликации и смртен исход постои кај лицата над 60 години.

