Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова, на денешната прес-конференција истакна дека определбата на Владата е да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија, зголемување на домашното производство и создавање услови за пониски трошоци за граѓаните и компаниите.
Таа се осврна на цената на електричната енергија и посочи дека реалното зголемување било значително пониско од тврдењата на опозицијата.
„Ќе почнеме со цената на електричната енергија. И покрај тврдењата на опозициската и предавничка СДС, дека струјата ќе поскапи за цели 5 проценти, реалното зголемување изнесува 2,28 проценти и е најниско во Европа. Веќе трета година од мандатот, цената на електричната енергија за граѓаните, не само што не е поскапена, туку Владата со новиот Закон најде решение со кое се отвора можност струјата за граѓаните да поевтини и 5 до 10%“, изјави Петкова.
Според неа, Владата донела и мерки за субвенционирање на електричната енергија за заштита на стандардот на домаќинствата, но долгорочното решение лежи во намалување на зависноста од увоз.
„Токму затоа, во април годинава домашното производство покри 88,8 проценти од вкупната потрошувачка во земјата. Тоа е значаен чекор кон нашата цел, Македонија да стане нето-извозник на електрична енергија, односно на крајот од годината да произведува повеќе отколку што увезува“, истакна пратеничката.
Петкова информираше и за потпишаните договори за фотонапонската електрана „Битола 3“ и ревитализацијата на хидроелектраните-Фаза 3 во вредност од 97 милиони евра.
„‘Битола 3’ е важен чекор кон зголемување на производството од чисти извори, додека со ревитализацијата на хидроелектраните покажуваме дека сериозно се грижиме и за постојните капацитети и нивното подобро искористување“, нагласи таа.
Во однос на новите инвестиции, ги спомена ветерниот парк на „Алказар Енерџи“ вреден пола милијарда долари, како и меморандумот со „Казанџи Груп“ вреден до една милијарда евра за нови капацитети, гасификација и мрежа за природен гас.
„Затоа што, проектот предвидува три главни компоненти, развој на нови капацитети за производство на електричната енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас. Со оваа инвестиција, се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места, и се зајакнува енергетската отпорност на државата, а истовремено, со развојот на домашни производствени капацитети ја намалуваме зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици“, додаде Петкова.
„Кога зборуваме за енергетика, не зборуваме само за струјата што ја плаќа едно семејство денес, туку зборуваме за тоа каква држава ќе имаме утре, а целта на Владата е Македонија да биде држава која произведува, која извезува и која има сигурен и стабилен енергетски систем“, заклучи таа.

