Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати критики до опозициската СДСМ, обвинувајќи ја партијата за создавање вештачки кризи, ширење дезинформации и паника меѓу граѓаните.
Петрушевски посочи дека опозицијата манипулирала со информациите за исправноста на водата за пиење во Скопје и Гостивар, иако надлежните институции брзо ја демантирале таквата паника со конкретни факти и анализи.
„Прво создаваат сомнеж, потоа шират паника, па дезинформации, а кога институциите ќе ги демантираат со факти, ниту извинување, ниту одговорност. Тоа не е одговорна опозиција, туку политика која опстојува на создавање недоверба кај граѓаните“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека последните испитувања потврдиле дека водата во Гостивар е повторно безбедна за пиење и порача дека опозициското раководство нема други предлози освен креирање страв.
„За водата во Скопје се пласираа тврдења кои надлежните институции веднаш ги демантираа. За Гостивар, последните испитувања покажаа дека водата повторно е безбедна за пиење. Наместо овие информации да бидат поздравени, СДС продолжува со обиди да создава сомнеж. Прашањето е едноставно, а тоа е зошто на СДС му пречи кога институциите ќе покажат дека системот функционира и дека проблемот е решен? Очигледно е дека освен вештачко создавање на криза, страв и паника, немаат што да понудат“, рече тој.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ упати и лични обвинувања до раководството на опозициската партија.
„Додека Филипче одмора со Заев на јахтата во Паљури, неговите пајташи се обидуваат од секоја тема да создадат какафонија. Граѓаните заслужуваат факти, а не сценарија за создавање страв и паника. Водата во Гостивар е безбедна за пиење, институциите ја следат состојбата, а СДС треба конечно да разбере дека со ширење паника не се гради доверба кај граѓаните“, заклучи Петрушевски.

