На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје се одржаа повеќедневни стручни консултации за понатамошното лекување на пациентите повредени во трагичниот пожар во Кочани.
По иницијатива на директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, во посета бил субспецијалистот д-р Игор Маљковиќ, пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во третманот на тешки изгореници.
За време на посетата биле прегледани пациентите и за секој од нив бил изработен индивидуален план за понатамошно реконструктивно лекување. Во плановите биле опфатени можностите за нови оперативни интервенции, функционалното закрепнување и очекуваните резултати.
Како дел од стручната посета била изведена и сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти во пожарот во Кочани.
Операцијата била реализирана со тимска работа на д-р Маљковиќ и медицинскиот тим на Клиниката, со поддршка од анестезиолозите, операционите медицински сестри и останатиот персонал.
Од Клиниката посочуваат дека ваквата соработка е значајна за планирањето на следните фази од лекувањето и примената на современи методи во реконструктивната хирургија.
„Лекувањето на пациентите со тешки изгореници не завршува со спасувањето на животот или зараснувањето на раните. Напротив, тогаш започнува долго и комплексно патување исполнето со реконструктивни операции, рехабилитација и постепено враќање на функцијата, самостојноста и квалитетот на живот“, наведуваат од Клиниката.
Од таму додаваат дека грижата за пациентите повредени во пожарот во Кочани останува меѓу приоритетите, со континуирана медицинска грижа и соработка со експерти од регионот и странство.

