Здравствените власти прогласија епидемија од западнонилска треска во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба и Бутел, како и во приградската општина Илинден.
Според официјалните податоци, од почетокот на годината се потврдени 24 случаи на заболени од западнонилска треска, додека кај двајца пациенти постои сомнеж за присуство на вирусот. Најголемиот дел од регистрираните случаи се лица во пензинерска возраст.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 20 пациенти. Осумдесет и тригодишен пациент со повеќе претходни коморбидитети почина како последица на компликации, а уште петмина хоспитализирани се во критична здравствена состојба и се поставени на механичка вентилација.

