Дете на возраст од година ипол било нападнато и искасано од улично куче во дворот на семејниот дом во Шуто Оризари, информираат неговите родители, пренесува РомаПрес.
Според најновите податоци, детенцето во дворот на семејната куќа во Шуто Оризари јадело виршли со неговата мајка, кога куче ја прерипало оградата на куќата, влегло во дворот и веднаш се нафрлило кон детето, пренесува Слободен Печат.
Детето три дена било на интензивна нега, а сега е пуштено на домашно лекување, но има серизони повреди откако кучето го искасало во пределот на лицето и трупот.
– Ваков случај не треба да се остави да помине незабележано, пред сè бидејќи детенцето има една и пол година и овој напад од кучето страшно му ја влоши здравствената ситуација. Додека седеле во нивниот двор и ручале, кучето преку оградата скокнало. Малечкиот јадел виршли. Мајката се обидела да го заштити детето, но кучето директно скокна врз детето и го распарчи. Кучето ја прерипува оградата, мајката почнува да го брка и кучето одеднаш, гледајќи го детето дека јаде, го напаѓа. Доаѓа таткото и не може да го откачи кучето од лицето на детето – изјави за „Слободен печат“ адвокатот на семејството Емран Исмаил.
Според неговите зборови кучето е сеуште на улица, а семејството ќе поднесе тужба до Град Скопје
– Град Скопје во пракса ваквите случаи ги решава по дифолт. Ќе видам каков ќе биде нивниот одговор, па ќе продолжиме понатаму. Детенцето беше задржано на интензивна нега три дена, а сега е пуштено дома. Се работи за улично куче, од заскитаните. Како адвокат многу пати пријавував, но никој не реагираше. Напишав и на Фејсбук, со апел до сите граѓани колективно да тужиме, но нема голем интерес, вели адвокатот за Слободен Печат.

