Водата во Скопје е микробиолошки и хемиски исправна, а депонијата за која се пишува во јавноста не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворот „Рашче“.
Ова денеска преку социјалните мрежи го истакна Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека изминатиот период се пласираат информации кои создаваат непотребен страв и паника кај граѓаните.
„Депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите ‘Рашче’. Истата постои веќе 30 години. Без разлика на тоа, секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ЈП „Водовод и канализација“ е задолжено да постапи во рамки на своите надлежности и Град Скопје ќе даде поддршка за нејзино расчистување.
Ѓорѓиевски упати јасна порака до скопјани дека пијат безбедна вода.
„Резултатите од секојдневните анализи на водата покажуваат дека таа е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење. Секој ден дополнително се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем, кои детално се испитуваат во лабораториите на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје“, посочува тој.
Според него, изворот „Рашче“ е под постојан, 24-часовен надзор, заштитен со видеонадзор и физичко обезбедување.
„Затоа, на граѓаните сакам да им порачам, бидете спокојни. Скопје има безбедна вода за пиење. Со здравјето на граѓаните нема политика, нема манипулации и нема компромиси. Никогаш нема да премолчам доколку постои каков било ризик по здравјето на скопјани. Но, исто така, нема да дозволам со невистини, шпекулации и ширење паника да се создава недоверба таму каде што фактите, анализите и резултатите јасно го покажуваат спротивното“, нагласи Ѓорѓиевски.

