Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за загадувањето на водата во Гостивар, со цел да се утврди како дошло до нарушување на правото на граѓаните за чиста вода за пиење. Во рамките на постапката биле побарани информации од Институтот за јавно здравје, Општина Гостивар, Јавното претпријатие „Комуналец“ и Центарот за јавно здравје.
Од канцеларијата на Народниот правобранител појаснија:
„Во текот на вчерашниот ден се добиени писмени информации од Институтот за јавно здравје, Општина Гостивар, Јавното претпријатие ‘Комуналец’ и Центарот за јавно здравје. Меѓутоа, тие не се целосни бидејќи не ги содржат сите релевантни податоци и околности во врска со проблемот за загадувањето на водата. Од тие причини, Народниот правобранител ќе се обрати и до други надлежни институции со цел да се добијат конкретни информации.“
Случајот со водата во Гостивар влезе и во фокусот на невладиниот сектор и организациите за борба против корупцијата, па така „Транспаренси интернешнл“ во својот најнов извештај го рангираше меѓу најконтроверзните настани, оценувајќи го како сериозен индикатор за можни системски слабости.
Дека ситуацијата е сѐ уште сериозна потврди и раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој на прес-конференција по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи соопшти дека водата сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка. Тој истакна дека квалитетот на водата и понатаму варира, поради што остануваат во сила претходните препораки водата да не се користи за пиење и за приготвување храна.
Паралелно со институционалните проверки, Основното јавно обвинителство Гостивар на 20 јули соопшти дека отвора истражна постапка против в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, како и против техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.
Од Обвинителството појаснуваат дека тие се сомничат за тешки дела против животната средина и природата извршени со дејствија на загадување на вода за пиење, односно дека со штетна материја ја направиле неупотреблива водата во преливната комора на системот кој ја снабдува Општина Гостивар и дел од околните села.

