Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, во интервју за „Вести плус“ на Канал 5 посочи дека последните изјави на претставниците на Владата се доказ дека се водат тајни разговори за европскиот пат на државата и дека Владата се подготвува да го прифати францускиот предлог, кој две години го претставуваше како штетен за Македонија.
Жерновски потенцираше дека информациите на СДСМ не се шпекулации, туку се темелат на релевантни сознанија, а дополнително ги потврдуваат и јавните изјави на владини претставници.
„Вчера имавме можност да слушнеме демант кој не беше демант. Во него пишува дека СДСМ измислува дека се водат тајни преговори. Но токму министерот за надворешни работи рече дека се водат разговори „под радарот“. Не јас, не СДСМ, туку тој. Тоа го има кажано и претседателката Сиљановска“, рече Жерновски.
Во интервјуто, Жерновски посочи дека Владата на ВМРО сега се обидува како успех да го претстави она што додека беше во опозиција го нарекуваше „предавство“ и токму затоа, јавноста денес е сведок на целосен пресврт во владината политика на тема евронтеграции.
„Изјавите се контрадикторни. Значи, она што сега се случува, во Владата е стратегија како сега да се прикаже како победа она што до вчера беше голем пораз за Македонија, големо велепредавство од СДСМ, но сега треба да се прикаже сето тоа како победа. Нешто што е сосем спротивно од она што го зборуваа додека беа во опозиција, и со што дојдоа на власт и добија гласови“, рече Жерновски.
Тој нагласи дека не станува збор за изолирани изјави, туку за низа потези кои, кои покажуваат дека Владата ја менува својата политика.
„Зошто велам чекорите на Муцунски? Ова не е изолирана изјава. На оваа изјава, дека се водат преговори под радарот, следат две многу важни изјави кои што зборуваат за пресверт од 180 степени во политиката на Владата. Прв излзе Муцунски со изјава дека ние не сме северно-македонци, туку сме македонци и дека не зборуваме северно-македонски јазик, туку зборуваме македонски јазик, што е сосем спротивно тоа што зборува додека беа на опозиција. Потоа, чекор повеќе, излезе Муцунски и кажа дека протоколот не е дел од преговорачката рамка, нешто што сосема друго тврдаеа во опозиција и беше една од клучните теми врз основа на што дојдоа на власт. Сето тоа е подготвува на терен за ова што го најавивме“, рече Жерновски.
Во интервјуто Жерновски нагласи дека СДСМ не внесува нервоза во процесот, туку дека Владата самата ја отвора темата со своите јавни настапи.
„Ние само кажавме што се случува и дека граѓаните треба да бидат подготвени за тоа што следува.Тоа што следува е победа на политиката и визионерството на СДСМ, кое не беше лесно да се прави. Тоа беа тешки и непопуларни одлуки, меѓутоа одлуки кои што се за добробит на граѓаните, ние морваме младите да ги задржиме, тие ни бегаат надвор“, рече Жерновски.

