Американскиот Стејт департмент го извести Конгресот за плановите за затворање на пет помали американски амбасади, конзулати и дипломатски мисии во Африка, Азија и Западната полутопка. Овој чекор е дел од пошироките заложби на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за редуцирање на федералната бирократија и намалување на трошоците.
Според документите испратени до законодавците, планирано е затворање на амбасадата во Сент Џорџис (Гренада), конзулатите во Нагоја (Јапонија) и Медан (Индонезија), филијалата во Дуала (Камерун), како и мисијата во Винипег (Канада).
Од администрацијата посочуваат дека овие помали дипломатски претставништва не се доволно економични и со нивното затворање се очекува заштеда од околу 4,4 милиони долари годишно. Од друга страна, овој потег предизвика реакции и критики од опозиционите демократи и поранешни експерти за надворешна политика, кои предупредуваат дека намалувањето на дипломатското присуство може да создаде простор за зголемување на влијанието на ривалите како Кина во овие региони.

