Енергетската состојба во Македонија е стабилна, а ниските водостои во делови од Европа засега не претставуваат ризик за домашното производство на електрична енергија, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
Од Министерството велат дека континуирано ги следат состојбите во регионот и Европа, како и домашните хидролошки показатели. Заедно со АД ЕСМ, АД МЕПСО и другите надлежни институции се следат хидролошките параметри, резервите и прогнозите, со цел навремено реагирање доколку има промени.
Според МЕРМС, акумулациите во моментов се стабилни и нивната исполнетост е околу 70 проценти, што овозможува сигурно управување со хидропотенцијалот и производство на електрична енергија согласно планираното.
Од Министерството посочуваат дека домашното производство бележи позитивни показатели. Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава биле произведени 462.653 мегават-часови електрична енергија, со што биле покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка.
Дополнително, податоците од АД ЕСМ покажуваат раст на производството од хидроелектраните за 76 проценти во споредба со истиот период минатата година, како и зголемување на производството од ветерните електрани за околу 10 проценти.
Од МЕРМС оценуваат дека диверзификацијата на производните капацитети, внимателното управување со акумулациите и подобреното планирање придонесуваат за поголема стабилност и отпорност на енергетскиот систем.
Паралелно, продолжуваат инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на инфраструктурата и развој на системи за складирање електрична енергија.
Во тек е втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“, со која капацитетот ќе достигне 50 мегавати, а започнуваат и активностите за фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“. Во напредна фаза се и подготовките за проектите „Битола 2“ и „Битола 3“.
Од Министерството нагласуваат дека значајна улога има и регионалното енергетско поврзување. Интензивно се реализира проектот за гасниот интерконектор со Грција, а се подготвува и интерконекторот со Србија. Македонија, според МЕРМС, добила покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, кој треба да овозможи поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас.
Од МЕРМС додаваат дека долгорочната цел е создавање поотпорен енергетски систем преку зголемување на домашното производство, инвестиции во обновливи извори, складирање енергија и подобра регионална поврзаност.
Министерството ќе продолжи со следење на состојбите во земјата и регионот и навремено информирање на јавноста, со цел обезбедување стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.

