Првиот дел од Градскиот парк во Скопје е целосно расчистен и повторно е достапен за посетителите по силното невреме што го зафати главниот град, информираше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Непогодата предизвика сериозни штети на овој простор, при што беа соборени над 100 дрвја, затрупани пешачките патеки и оштетена урбаната опрема.
На терен работеа екипите на јавните претпријатија на Град Скопје, кои ги отстранија соборените дрвја, засадија нови садници и ја санираа оштетената опрема.
Во моментов интензивно се работи и во вториот дел од Градскиот парк, каде што продолжува отстранувањето на последиците, се санираат штетите и се врши обновување на зеленилото.
Ѓорѓиевски изрази благодарност до сите служби кои учествуваа во активностите за расчистување на паркот.
„Природните непогоди не можеме да ги спречиме, но можеме да покажеме дека со заедништво, организираност и посветена работа брзо и одговорно ќе ги надминеме последиците. Изразувам огромна благодарност до сите вработени и служби кои деноноќно беа на терен, за Градскиот парк повторно да биде чист, безбеден и зелен дом на сите скопјани. Продолжуваме со работа сè додека не биде обновен и последниот оштетен дел од паркот“, порача Ѓорѓиевски.

