Продолжуваат секојдневните испитувања и лабораториски анализи на квалитетот на водата од градскиот водовод во Гостивар, а надлежните институции најавуваат дека мониторингот ќе биде интензивен и во текот на претстојниот викенд. За време на денешната посета на Клиничката болница во Штип, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека е сè уште прерано да се дадат прецизни прогнози за тоа кога рестрикциите целосно ќе бидат укинати, бидејќи клучниот услов е добивање на три последователни негативни резултати од теренските проби.
Од ресорното министерство потсетуваат дека моменталната состојба дозволува користење на водата за основни потреби, но забраната за пиење и подготовка на свежа храна останува на сила сè додека Агенцијата за храна и ветеринарство не ги потврди сите параметри.
Во врска со строгите критериуми за дефинитивно укинување на забраната, министерот Клековски прецизно ја објасни процедурата:
„Се следат пробите, тие ќе продолжат и во текот на викендот. Значи, секој ден од повеќе кориснички места се земаат проби. Во моментот, штом три едно по друго проби ќе бидат соодветни за пиење, ќе биде ставен во употреба водоводот. Она што е важно е дека водата сега може да се употребува за други намени, а не за пиење и подготовка на свежа храна. Така што тој дел барем е разјаснет. И тука нема, не можеме да шпекулираме. Треба три теста на кориснички места да бидат соодветни за да може АХВ да ја повлече забраната за употреба на вода за пиење-изјави Клековски на новинарско прашање по посетата на Клиничката болница во Штип.“
Министерот истакна дека теренските служби секојдневно земаат мостри од најмалку девет различни кориснички локации низ градот, нагласувајќи дека секој неодговарачки тест ја враќа постапката на почеток.
Осврнувајќи се на неблагодарноста од давање преранети рокови, Клековски додаде:
„Значи, многу е неблагодарно да предвидам какви ќе бидат тестовите. Може да има еден тест кој не е соодветен и повторно треба три нови теста, три нови дена. Навистина е неблагодарно да предвидувам што и како ќе биде- изјави Клековски по посетата на Клиничка болница Штип.“

