Седумгодишно девојче од Молдавија, кое беше тешко повредено во трагичната сообраќајна несреќа на Халкидики, успеа да се избори за својот живот и е исклучено од апаратите за одржување во живот, пренесува грчкиот портал „Прототема“.
Малата Патриција е префрлена на Клиниката за детска хирургија во болницата „Папагеоргиу“ во Солун. Во тешката сообраќајка што се случи на 15 јуни на патот Неа Муданија – Ситонија, девојчето ги загуби двајцата родители и својот шестмесечен брат.
По несреќата, девојчето прво било однесено во Општата болница во Полигирос, а истата вечер било префрлено во „Папагеоргиу“, каде што врз него биле извршени две итни операции од страна на детски и ортопедски хирурзи.
Следното утро, поради сериозноста на состојбата, таа била префрлена на Одделот за интензивна нега за деца во болницата „Хипократ“, каде што се наоѓала под континуиран медицински надзор, по што повторно била вратена во болницата „Папагеоргиу“.
Според информациите на медиумите, покрај девојчето цело време е нејзината тетка, која кратко заминала за Молдавија за да присуствува на погребот на нејзините најблиски, по што веднаш се вратила во Солун за да продолжи да се грижи за неа.

