Цените на нафтата синоќа забележаа пад на најниско ниво во последните повеќе од една недела, по новите дипломатски иницијативи за стабилизација на состојбата во Ормутскиот теснец, кои ги подобрија очекувањата за непречено снабдување на глобалните пазари.
Според податоците на „Трејдинг економикс“, цената на северноморската нафта „Брент“ падна на околу 84 долари за барел, додека американската лесна сурова нафта (WTI) ослабе на околу 79 долари за барел.
Падот следува откако иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, оствари одвоени средби со шефовите на дипломатиите на Саудиска Арабија и Оман. Разговорите беа насочени кон враќање на безбедноста во Ормутскиот теснец — еден од најважните светски поморски патишта за транспорт на нафта — по прекините предизвикани од конфликтот меѓу САД и Иран.
Како решение, Оман предложи воспоставување заеднички регионален механизам за управување со теснецот, кој би му овозможил на Иран да собира доброволни транзитни такси за бродовите. Според медиумските извештаи, овој предлог веќе добил поддршка од повеќе земји од Персискиот Залив.
Паралелно со дипломатијата, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека се водат разговори со Техеран, но упати и предупредување.
„Имаме добри разговори со Техеран“, изјави Трамп, предупредувајќи дека американските воени напади би можеле да продолжат доколку дипломатските напори не дадат резултати.
Од друга страна, Иран упати закана со соодветен одговор доколку дојде до нови напади врз нивни цели.
Иако дипломатските контакти влијаеја на смирување на берзите, безбедносните ризици во регионот остануваат високи. Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала беспилотни летала кои целеле кон нејзината нафтена инфраструктура, додека јеменските бунтовници Хути ја презедоа одговорноста за нападот врз саудискиот нафтовод Исток-Запад.
Аналитичарите истакнуваат дека пазарот во моментов главно реагира на можноста за намалување на ризикот од прекини во снабдувањето преку Ормутскиот теснец, низ кој минува речиси една петтина од вкупната светска трговија со нафта.

