Водата од изворите во охридските села Елшани и Велестово привремено не смее да се користи за пиење поради утврдена бактериолошка неисправност, соопштија денеска од Општина Охрид.
Решението за забрана е донесено по извршените лабораториски испитувања од страна на ЈЗУ „Центар за јавно здравје – Охрид“, кои потврдиле присуство на бактериите E. coli и колиформни бактерии во водоводната мрежа.
По добиените резултати, Општина Охрид ги задолжи месните заедници во Елшани и Велестово да постават предупредувања на видливи места, со цел жителите навремено да бидат информирани дека водата не е безбедна за консумација.
Надлежните институции упатија апел до сите граѓани од овие населени места стриктно да ја почитуваат забраната за употреба на водата.
Забраната ќе остане на сила сè додека новите анализи и контролни примероци не потврдат дека водата е целосно безбедна за пиење.

