„Појдовната основа на ЛДП доаѓа од Лигата за демократија, во која што нели, професорот Ѓорѓе Марјановиќ сакаше и сакавме Македонија да биде попристојно место за живеење. Наспроти тоа, добивме еден хаос и да сведочиме на вакви катаклизми. Ова не се трагедии, туку ова е буквално човечки фактор на пропуст. И мислам дека во Македонија она што е клучно е тоа што зборот одговорност постои само во теоријата, а ние реално во праксата не гледаме одговорност. Истото се случува и во последниот случај. Таму буквално на луѓето во уста им ставија фекалии. Се испозаразија куп луѓе и ние гледаме цело време еден вид на пинг-понг натпревар. Ќе бараме сега кој е крив, кој е прав, а никој не чувствува никаква одговорност“, вели во одговор на прашање за состојбата со водата во Гостивар претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, во Вести Плус на Канал 5.
Според Зајкова, ова се случува затоа што со децении имаме исти структури на луѓе кои што се менуваат на највисоките позиции и секогаш имаме некој што е на пониско ниво кој одговара за нешто, додека речиси никогаш одговорноста не се лоцира на највисоко ниво.
„Дури дотаму ни е ‘луд’ системот што и кога министер ќе си поднесе оставка, не му се прифаќа и после тие истите луѓе ни морализираат како треба да го градиме општеството. Апсолутно ова не се случува од вчера или од денес, туку ова е ставање постојано на проблемите под тепих и немање на одговорност. Значи клучната работа е тоа што никој во оваа држава не се чувствува одговорен и секогаш одговара некој треторазреден а се штитат најодговорните за се за целиот хаос“, дополнува Зајкова.
Вистинското градење на системот и свеста за одговорност ќе се развие тогаш кога ќе почнеме да не штитиме никого туку да одговараат навистина сите со име и презиме, а не постојано да се заташкува и да застаруваат случаи на највисока корупција.
„Сѐ додека партиски се штити овој или оној, никогаш нема да изградиме систем, а на крај цената ја плаќа народот. Овој пат со епидемија, следниот пат може да биде и со смртни последици за кои што и не е дека некогаш не сме сведочеле. Имавме неодамна трагедија исто каде што е нели, системот крив, а всушност некој свесно дал лиценци за клуб кој што не исполнува технички услови, кај што луѓето не можеа да излезат и се запалија живи и сѐ уште нема никаков исход од случајот и нема никој кој што ја понел одговорноста“, завршува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

