Наместо поевтини горива, како што ветуваше Мицкоски граѓаните се соочуваат со нов ценовен шок. Горивата повторно драстично поскапеа. Со последните две поскапувања дизелот е поскап за над 11 денари и сега чини 94 денари за литар, се вели во соопштението од СДСМ.
– А мерки за заштита на стандардот на граѓаните нема. Секоја негова најава за намалување доведува до нов раст на цените. Граѓаните веќе се плашат од неговите најави за „мерки“. Ова второ последователно големо поскапување за само една недела, ќе значи и нов бран на поскапување на храна, превоз и услуги. Секој ден е нов ценовен шок. Додека народот се прашува како ќе го преживее месецот, Мицкоски нема намера да го заштити животниот стандард, велат СДСМ.
Додаваат дека повторно нема никакви конкретни мерки – ниту за работниците, ниту за пензионерите, ниту за земјоделците, ниту за социјално ранливите.
-Луѓето го бројат секој денар за живот. Платите, ниту просечната, ниту минималната не стигнуваат за да се протурка месецот. Минималната потрошувачката кошничка повторно е скоро 70.000 денари Само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни над 25.000 денари месечно. Ако се додаде и кирија за стан од 60 квадратни метри, трошоците се 83.873 денари. Тоа е реалноста со Мицкоски и неговата ВМРО -ОКГ – за нив луксуз и тендери, за граѓаните трошки. Во Македонија секој ден е борба за преживување, математика за како да се купи храна, како да се платат сметки, како родителите да ги издржуваат своите деца – животот е се потежок, велат од партијата.
-Каква трета економија во Европа, вистината е дека Мицкоски и неговата Влада системски го уништија стандардот на граѓаните, а економијата ја донесоа пред колапс, стои во соопштението на СДСМ.

