Зголемена фреквенција на возила е забележана на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“, каде времето на чекање за излез од државата изнесува околу 40 минути, информира АМСМ.
На граничниот премин „Табановце“, пак, има задржување за влез во земјава од околу 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
Од АМСМ посочуваат дека времето на чекање на грчката страна од граничните премини постојано се менува и најчесто е подолго.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Од АМСМ апелираат на внимателно возење, прилагодена брзина и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патните правци низ котлини, речни долини и клисури каде постои можност за појава на одрони.
Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На државните патишта е во сила летниот режим на сообраќај, со кој се ограничува движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите и во денови со екстремно високи температури.

