Прагот на неделно ниво е надминат, што значи дека проблемот со енормниот број на заразени се концетрира во текот на оваа недела.
Д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека до овој момент пристигнале вкупно 140 официјални пријави за заразна болест.
Се надева дека Центарот за јавно здравје денеска ќе ја формализира одлуката за прогласување на епидемија во Гостивар.
„Одлуката за пријавување на епидемија се носи од страна на надлежните епидемиолози во рамките на Центарот за јавно здравје. Се надевам дека колегите, кои согласно законот се надлежни за тоа, во текот на денот ќе ја формализираат одлуката. Прагот на неделно ниво е надминат, што значи дека проблемот со енормниот број на заразени се концентрира во текот на оваа недела“, рече Кочински.
Вели дека досегашните епидемиолошки анкети спроведени на терен во Гостивар не покажуваат специфична меѓусебна поврзаност помеѓу заболените лица. Според него, нема индиции за труење со храна во некој конкретен ресторан или друг објект, а она што е заедничко за сите заболени е користењето на вода од градскиот водовод.
„Досегашните епидемиолошки анкети покажуваат дека кај случаите нема некоја специфична меѓусебна поврзаност. На пример, немаме индиции за труење со храна во некој конкретен ресторан, кафуле или сличен објект. Она што е заедничко за сите е дека конзумирале храна и во домашни услови и во ресторани, но сите користеле вода од водоводот, иако дел од нив пиеле и флаширана вода“, рече Кочински.
Институциите чекаат резултати од микробиолошките анализи на пациентите и на водата. Но д-р Кочински апелира до граѓаните повеќе да соработуваат со здравствените власти.
„Сепак, морам да нагласам дека дел од граѓаните одбиваат комуникација со епидемиолозите. Апелирам да соработуваат, бидејќи само така ќе ги добиеме релевантните податоци за точна анализа на ситуацијата.“
Од ИЈЗ додаваат дека превентивните контроли и заштитни мерки се активни од првиот момент, но со формализирањето на одлуката од страна на Центарот за јавно здравје Тетово, процесот ќе добие поголема ефикасност.
Во официјалното излагање, д-р Кочински во детали ја образложи моменталната координација на терен:
Институтот за јавно здравје е во постојана комуникација со сите надлежни институции, како што се Центарот за јавно здравје Тетово, Подрачната единица Гостивар, Министерството за здравство, Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и сите останати чинители поврзани со ситуацијата во Гостивар. Она што можеме да го констатираме е дека се забележува јасен пораст на стапката на заболени лица преку аларм-системот, со што е надминат прагот на неделно ниво за територијата на Гостивар. Како што споменав, ние сме во постојана комуникација со Центарот за јавно здравје и во текот на денешниот ден ќе биде донесена одлука за официјално пријавување на епидемија на заразна болест. Морам да потенцирам дека мерките за контрола и превенција се активни цело време на терен. Она што дополнително би се добило со официјалното пријавување на епидемијата е само подобра координација и комуникација меѓу сите чинители и надлежни институции.“

