Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска вети дека Германија ќе „ѝ подаде рака“ на Франција и ќе соработува со идниот претседател на земјата, без оглед на тоа кој ќе победи на изборите следната година, и покрај анкетите кои предвидуваат успех на кандидатката на крајната десница Марин ле Пен.
– Германија секогаш ќе ѝ подаде рака на Франција за подлабока соработка заснована на доверба, без оглед на одлуките што ќе ги донесат гласачите во двете земји – изјави Мерц одговарајќи на прашање за можна соработка со Ле Пен.
Изјавата ја даде по заедничката седница на владите на двете земји во Брил, во близина на Келн, Западна Германија, која беше посветена на зајакнување на европската одбрана.
Мерц истакна дека Германија ги зајакнува своите одбранбени способности и сериозно го разгледува францускиот предлог за вклучување на нуклеарното одвраќање во пошироката европска безбедносна рамка.
– Дејствуваме чекор по чекор – рече германскиот канцелар.
– Ова потенцијално може да доведе до нова доктрина, но денес е премногу рано да зборуваме за тоа – додаде Мерц на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.

