По цел ден молк конечно се огласи и градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани.
„Почитувани граѓани на Гостивар, Во ваква ситуација, моја прва обврска е да ви ја соопштам состојбата точно, навремено и без прикривање на каква било информација. Според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности.
По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува.
Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните. Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции. Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод.
Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката. Веднаш штом бидат достапни официјалните резултати, тие ќе бидат јавно објавени, целосно и транспарентно. Ги повикувам граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори.
Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации. Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди“, стои во неговата објава на социјалните мрежи.

