Владата донесе одлука за продолжување на рокот на кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Како што информираат од владината прес-служба, кризата ќе продолжи да важи од 21 јули до 20 октомври, со цел да се обезбеди навремено реагирање доколку има проблеми со снабдувањето или значителни промени на цените на меѓународните пазари.
Од Владата велат дека одлуката обезбедува правен механизам за преземање брзи мерки со кои би се зачувала стабилноста на снабдувањето и би се ублажиле можните последици за граѓаните и стопанството.
По завршување на процедурите, одлуката ќе биде доставена до Собранието на разгледување и усвојување.
Владата посочува дека внимателно ќе ги следи состојбите на енергетските пазари и, доколку биде потребно, ќе презема дополнителни мерки за обезбедување стабилно снабдување со нафта и нафтени деривати.

