Рибниот фонд во Мавровското Езеро е збогатен со нова количина крап во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое ќе се одржи во септември годинава.
Од Јавната установа Национален парк „Маврово“ информираат дека вчера, во соработка со EDS Energy Delivery Solutions, било реализирано порибување на најголемата водна површина во паркот со 460 килограми крап.
Од НП „Маврово“ посочуваат дека оваа активност претставува значаен придонес кон зачувувањето и унапредувањето на рибниот фонд, како и кон одржливото управување со природните ресурси.
„Порибувањето се реализира во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, со цел збогатување на рибниот фонд и обезбедување подобри услови за развој на спортскиот риболов“, наведуваат од Националниот парк.
Од управата на НП „Маврово“ ги потсетуваат спортските риболовци дека крапот е под временска забрана за спортски риболов до завршувањето на Светското првенство.
Тие апелираат до сите посетители да ги почитуваат донесените мерки, додека Службата за заштита на природата при паркот спроведува засилени контроли на терен.
Од Национален парк „Маврово“ упатија благодарност до EDS Energy Delivery Solutions за општествено одговорниот пристап и поддршката во зачувувањето на природното богатство на Мавровското Езеро.
Во две акции реализирани во текот на пролетта, езерото беше порибено со повеќе од 4 тони крап.
Светското првенство во лов на крап на Мавровското Езеро е најавено за периодот од 2 до 5 септември 2026 година и ќе биде еден од најголемите спортско-риболовни настани што ќе се одржат во Македонија.

