Осомничениот дилер кој неодамна спектакуларно им побегна на кочанските полицајци за потоа да биде уапсен во Скопје, Александар Лазаров, веќе е спроведен зад решетки на издржување притвор. Но, покрај слободата, тој сега ќе остане и без вреден имот. Истражните органи во Кочани веќе поднесоа официјално барање до Судот за привремено одземање на неговиот недвижен и подвижен имот, кој се сомневаат дека е стекнат со нелегална трговија со дрога.
Под лупа на обвинителството се најде имот кој воопшто не соодветствува со неговите реални и пријавени приходи. Како дел од финансиската истрага, државата бара блокирање на еден стан и дури шест автомобили, за кои се верува дека Лазаров ги поседувал и користел иако формално се воделе на други лица.
Процесот против Лазаров и уште едно лице официјално започна на 10 јули, кога беше поведена истражна постапка за недозволена трговија со наркотици, откако при претрес во возило полицијата им пронашла кокаин.
Соопштението од Јавното обвинителство во детали го појаснува барањето за замрзнување на имотот и сомнителното потекло на парите.
„Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист – информираат од Обвинителство.“
Трговија со кокаин како основ за истрагата
Како што појаснуваат од Обвинителството, кривичниот прогон против Лазаров и неговиот соизвршител е поради сериозно прекршување на членот 215 од Кривичниот законик. Тие беа фатени со одредена количина на тешка дрога, што ја отвори лавината истражни дејствија.
„Основното јавно обвинителство Кочани, како што информираат од Обвинителство, на 10 јули годинава донел Наредба за спроведување истражна постапка, која покрај овој осомничен опфаќа уште едно лице, а се однесува на кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, кое го сториле како соизвршители. Истрагата, како што информираат, е поведена затоа што кај осомничените, при претрес во автомобил, биле пронајдени осум грама наркотична дрога – кокаин.“
Апсење во Кисела Вода и експресен притвор
По претходно добиени полициски дојави, припадниците на Одделението за потраги при СВР Скопје вчера успешно го лоцираа 41-годишниот Лазаров на подрачјето на скопска Кисела Вода.
Откако бил приведен во полициска станица, обвинителот веднаш побарал притвор кој експресно бил одобрен, со што Лазаров уште денеска е префрлен во истражен затвор.

