Падна монтираниот случај за политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, фактите се непријатни за СДС, а бегањето од сопствената одговорност преку политичка пропаганда не е политика, туку лицемерие, реагираше денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Тој во објава на Фејсбук напиша дека вистината околу овој судски процес не може да се сокрие со политички изјави.
„Падна монтираниот случај за политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ! Колку и да се обидува СДС да ја префрли вината, фактите не можат да ги избришат. Факт е дека предметот го отвори нивното криминално СЈО, како дел од тогашниот политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, со цел промена на името. Дополнително, факт што свесно го избегнуваат, а кој денес судот јасно го образложи, е дека пресудата е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои СДС ги предложи и ги изгласа.“
Пратеникот потсети на општествениот и политичкиот амбиент во кој беа донесени законските измени.
„Јавноста добро памети и како тогаш беа донесени тие измени на Кривичниот законик, со силни сомнежи дека се дел од пошироки политички договори и трговија со влијание, со цел уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот.“
Петрушевски упати и директни прашања до опозициската партија, повикувајќи ги да преземат одговорност за сопствените одлуки.
„Затоа, наместо да измислуваат приказни за „судство под контрола“, најпрвин нека се погледнат во огледало, а потоа нека одговорат јавно: кој и за какви цели преку тогашното СЈО го нарача политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги донесоа измените на Кривичниот законик во 2023 година? Фактите се непријатни за СДС! А бегањето од сопствената одговорност преку политичка пропаганда не е политика, туку лицемерие.“

