Левица соопшти дека ја одложила координативната средба за Изборниот законик поради отсуство на претставник од СДСМ. Ова е очекувана реакција од партија која се обидува да создаде привид на опозициско единство, додека во реалноста ја турка агендата на Христијан Мицкоски, наведува СДСМ во соопштение.
-Позицијата на СДСМ по прашањето на Изборниот законик е јасна и недвосмислена. Нема што да се усогласува со Левица. Ние нема да прифатиме предлози кои отвораат простор за изборна кражба, особено кога станува збор за гласањето на дијаспората и за модели кои фаворизираат една партија на сметка на фер и транспарентни избори. Левица, како сателитска партија на ВМРО, нема легитимитет да ја претставува опозицијата ниту да ја диктира агендата, велат од СДСМ.
Додаваат дека нивната улога во изминатиот период е повеќе од јасна, да создаваат притисок врз СДСМ да прифати решенија кои се во интерес на Мицкоски, а не во интерес на фер избори.
-СДСМ нема да учествува во какви било координации чија цел е да се прикрие вистинскиот проблем: криминална група ВМРО сака Изборен законик со кој ќе може да ги контролира и да ги манипулира резултатите. Нашата позиција е јасна: Изборниот законик мора да гарантира фер, транспарентни и фер избори. Сè друго е обид за изборен инженеринг, велат од опозицијата.

