Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска со почеток во 12:30 часот ќе ја продолжи расправата по амандманите поднесени на Предлог-ребалансот на Буџетот.
За предложениот ребаланс се доставени вкупно 224 амандмани. Од нив, 90 ги поднела ДУИ, 78 СДСМ, 51 Левица, а пет коалицијата ВРЕДИ. Комисијата во изминатите седници веќе разгледа дел од предложените измени.
Со ребалансот, вкупните буџетски приходи се планирани на 379,2 милијарди денари, што претставува зголемување од околу 4,2 милијарди денари, односно 1,1 процент во споредба со првично усвоениот Буџет за 2026 година.
Вкупните расходи се проектирани на 425,2 милијарди денари, при што за капитални инвестиции се предвидени речиси 46 милијарди денари. Тоа е за околу 5,8 милијарди денари, или 14,5 проценти, повеќе во однос на првичниот план.
Макроекономските проекции остануваат со очекуван економски раст од 3,5 проценти, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит од 4,1 процент од бруто-домашниот производ (БДП).

