Уставниот суд утре ќе ја одржи 18. седница за 2026 година, на која меѓу останатите точки ќе се разгледуваат иницијативите на политичките партии „Левица“ и „Демократи“ за оценување на уставноста на делови од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање.
Пред Судот се оспорени одредби од членовите 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик, кои се однесуваат на распределбата на медиумскиот простор и средствата за политичко рекламирање.
Од „Левица“ сметаат дека постојните правила создаваат нееднаков третман меѓу политичките субјекти, бидејќи, според нив, поголемите парламентарни партии добиваат предност при распределбата на јавните средства и медиумскиот простор. Партијата бара еднакви услови за сите учесници во изборниот процес, без оглед дали имаат пратенички мандати или се вонпарламентарни.
И „Демократи“ во својата иницијатива оценуваат дека законските решенија се спротивни на уставните принципи на еднаквост, слободно информирање и владеење на правото. Според нив, со актуелната распределба најголемиот дел од бесплатниот рекламен простор им припаѓа на четири политички партии, додека останатите располагаат со значително помал удел.
Според подносителите на иницијативите, ваквите правила можат да влијаат врз политичкиот плурализам и рамноправноста на учесниците во изборниот процес.

