Лошото време во Романија предизвика десетици поплавени куќи, дворови и подруми, паднати дрвја и електрични столбови, како и оштетени возила во вкупно 61 населено место во 20 окрузи. Романската новинска агенција Аџерпрес, повикувајќи се на утринските актуелни податоци, јави дека нема пријави за заглавени лица.
Според Департманот за вонредни состојби на Романија, регистрирани се поплави во 23 куќи, 47 дворови, 44 подруми, две јавни институции и две улици, објави 4news.mk.
Екипите на терен интервенирале за расчистување на 64 паднати дрвја, а во засегнатите окрузи има и пет паднати електрични столбови и пет оштетени превозни средства.
Насобраната вода на трасите привремено го отежна сообраќајот на патиштата, како и на железничката линија меѓу станиците Брашов и Бартоломеу во округот Брашов.
Во главниот град Букурешт службите интервенирале за испумпување вода од 33 подруми и еден двор, а исчистени биле и 41 паднато дрво.
Дополнително, во соседниот округ Илфов исто така се евидентирани неколку случаи на поплавени куќи, дворови, подруми, една улица и паднати дрвја.

