Четириесет и четиригодишниот Кајо Роча Агујар Арабал трагично почина откако паднал од висина од околу 150 метри при искачување на карпа на планинската патека Педра до Макако во Бразил. Неговите последни моменти пред фаталниот пад биле снимени на камера од друг член на групата со која се искачувал.
Арабал се искачувал на нестабилна карпа на врвот на патеката во Марика, во близина на Рио де Жанеиро, а медиумот LADBible објави дека ова живописно место е познато по чести несреќи на туристите.
На видео-снимката се гледа како тој се спушта по голема карпа и се обидува да најде упориште, по што ја изгубил рамнотежата на самиот раб и паднал во бездната.
Локалните медиуми објавија дека жената која го снимала неговиот ризичен потфат му викала да биде внимателен само неколку секунди пред падот.
Спасувачката операција во густата вегетација и на тешкиот терен траела околу четири часа, при што екипите морале да користат јажиња и хеликоптер за да го извлечат телото на починатиот.
Претставникот на Граѓанската одбрана Марица даде изјава за тешкотиите со кои се соочиле спасувачките тимови.
„Моравме да влеземе во густо пошумена област со исклучително тежок пристап за да стигнеме до неа“. „Моравме да се искачуваме, да користиме јажиња и да спроведеме неколку процедури пред да стигнеме до местото“, додаде Матеус, објаснувајќи дека посетителите често се искачуваат по карпата за да фотографираат.
Тој посочи дека инцидентот не е прв од ваков вид во областа и дека планинарот се спуштил по карпата од погрешна страна пред неговиот фатален пад. На оваа планинска патека нема предупредувачки знаци, и покрај тоа што некои области се смртоносни.
Братот на починатиот, Таиру Арабал, му оддаде почит на алпинистот преку емотивна објава на социјалните мрежи.
„Мојот брат Кајо почина денес поради несреќа додека го правеше она што го сакаше: планинарење во својот сакан езерски регион“, напиша тој, според локалниот медиум Estadão.
Светските медиуми потсетуваат дека ваквите несреќи во потрага по совршена фотографија се сè почести, како минатогодишниот случај со 53-годишна Русинка во Шри Ланка или падот на Кинеска во активен вулкан во Индонезија во 2024 година.

