Безбедноста е процес кој бара визија, континуирана работа и силно партнерство со локалната самоуправа и граѓаните. Затоа, Министерството за внатрешни работи продолжува посветено да инвестира во унапредување на безбедносниот систем и создавање посигурна иднина за сите.
За време на посетата на СВР Струмица, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, оствари работна средба со раководството на Секторот, на која беа разгледани безбедносната состојба, постигнатите резултати, предизвиците во работењето и идните развојни приоритети.
Посебно беше истакнато дека СВР Струмица е регион со една од најповолните безбедносни состојби во државата. Во текот на 2025 година е евидентирано намалување на криминалот во сите области на работењето, истовремено со зголемување на откривачката функција. Секторот оствари ефикасност од 67%, додека вкупната реализација достигна 88,4 проценти. Значајни резултати се бележат и во областа на безбедноста во сообраќајот, со историски најдобри показатели во последните петнаесет години во однос на намалувањето на сообраќајните незгоди и нивните тешки последици.
Министерот Тошковски нагласи дека овие резултати се потврда дека професионалната, мотивирана и добро организирана полиција е гарант за сигурноста на граѓаните и дека Министерството ќе продолжи да инвестира во човечките капацитети, современата опрема и новите технологии.
Во рамки на посетата, министерот Тошковски и директорот Јанев остварија работна средба и со градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, при што беше извршен увид на локацијата во Градскиот парк, определена за поставување спомен-обележје во чест на загинатите пилоти од Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи и Општина Струмица ќе ја интензивираат соработката за реализација на овој значаен проект, кој ќе претставува траен израз на почит кон хероите кои ги положија своите животи во служба на татковината и граѓаните.
Истовремено, заедничката соработка ќе биде насочена и кон нови инвестиции во безбедноста преку модернизација на инфраструктурата, имплементација на технички и дигитални решенија и унапредување на системите за превенција и сообраќајна безбедност, со единствена цел уште побезбедна и посигурна средина за сите граѓани.

