По насилното укинување на техничката Влада, Христијан Мицкоски сака со сила да воведува автократски модели. Ова го велат од опозициската СДСМ денеска преку соопштение упатено до јавноста.
-Мицкоски сака изборен закон со кој никој нема да контролира околу 200.000 гласови. Сака гласовите на дијаспората што ќе пристигнуваат преку интернет да немаат никаква контрола. Додека нашите граѓани кои гласаат во татковината минуваат сериозна контрола пред гласање – дури и отпечаток од прст, проверка на документи, потпис во избирачки список, Мицкоски сака да има апсолутна можност за кражба преку гласање на далечина. Зборуваме за ВМРО, партијата која знаеме како ги местеше изборите во времето на Груевски. Сега неговиот најдобар ученик сака да го унапреди системот на својот ментор, велат од партијата.
Велат, граѓаните се сеќаваат дека во декември беше покрената истрага во Америка поради кражба на гласови. Истрагата покажа дека серверите кои учествувале во кражбата биле во сопственост на српска фирма и бизнисмени блиски до Вучиќ и СНС.
-Сите знаеме за односите меѓу Вучиќ и Мицкоски, за нивната „братска“ врска и сестринските партии. Знаеме за користење на истата бот-платформа и фарми на тролови за влијание на социјалните мрежи. Знаеме и за најновите желби и упорност на Мицкоски да ги протурка дата- центрите во Македонија, иако се на штета на екологијата и со ненормална потрошувачка на струја која може да доведе до проблеми со снабдувањето на домаќинствата, велат од СДСМ.
СДСМ велат Мицкоски може да најавува повлекување, но на сите им е јасно дека човекот нема таква идеја.
-Мицкоски нема друг излез. Буџетот е празен, економијата е во колапс, наскоро нема да има пари ни за пензии. За да го спречи слободниот пад на ВМРО, а особено на својот рејтинг, прво направи козметичка реконструкција на Владата за да добие на време со нов дефокус. Сега намерно го прават со Изборниот закон за да ја обвинуваат опозицијата за реформи кои тој самиот не ги спроведе. Следниот чекор се предвремени избори, за кои му треба алиби. ВМРО изгуби над 150.000 гласови. Мицкоски има најнизок личен рејтинг досега, поради секојдневните лаги, а особено поради предизборните. Единствениот проблем е што веќе еднаш ги излажа своите гласачи и ги измами гласачите на СДСМ со ЗНАМ. Сега, повеќе такви работи не поминуваат. Граѓаните не се наивни. Единствената вистинска опозиција се СДСМ и слободните граѓани, обединети околу Фронтот за вистина и правда. Сѐ друго е фејк, стои во соопштението на СДСМ.

