Забрана за предавање и целосно одземање на патната исправа се бара за 38-годишна доцентка од Кочани, која е под истрага дека земала поткуп од 300 евра за да пушти студент.
Коруптивната зделка се реализирала на 29 јуни во нејзиниот кабинет на Универзитетот во Штип, каде во индексот на студентот била впишана преодна оценка веднаш по оставањето на парите на масата.
Обвинителството ја почна истрагата за кривичното дело примање поткуп, нагласувајќи дека осомничената ги злоупотребила своите овластувања како лице кое извршува работи од јавен интерес.
Судот во Штип сега ќе одлучува за предложените мерки со кои на професорката ќе ѝ се забрани влез на факултетот, со цел да се спречи какво било влијание врз натамошната истрага и сведоците.
- „Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување неколку мерки на претпазливост – забрана на напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на осомничената да се јавува во судот, привремено одземање патна исправа, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со студентот, како и забрана за вршење на работни активности на факултетот“, соопштија од Основното јавно обвинителство Штип.

