Премиерот Христијан Мицкоски денеска појасни дека владејачката партија е подготвена да излезе во пресрет на барањата на опозицијата за измени во Изборниот законик. Единствениот услов кој не се прифаќа е укинувањето на предложеното електронско гласање за македонската дијаспора.
Воедно, првиот човек на Владата категорично ги отфрли медиумските написи кои го поврзуваат овој изборен модел со негова лична политичка агенда.
Мицкоски јавно порача дека по завршувањето на актуелната функција планира целосно да се повлече од политичкиот живот во земјава.
„Гледам дека во јавноста се шпекулира дека мојот предлог за вклучување на дијаспората во електронското гласање, почнувајќи од претседателските избори во 2029 година, е поврзан со мојата амбиција да се кандидирам за претседател. За да се стави крај на овие шпекулации, сакам јасно да ставам до знаење дека нема да бидам кандидат. По завршувањето на мојот мандат како премиер, ќе се вратам на универзитетот, меѓу студентите. Нема да се кандидирам за претседател на Владата, ниту за шеф на држава, бидејќи немам амбиција ниту желба за таква функција“, нагласи Мицкоски.
Партиските преговори околу конечните измени на изборните правила продолжуваат меѓу собраниските координатори.

