Во Италија е во тек обемна потрага по Луиџи Кавалари, сопруг на министерката за семејни прашања Еугенија Рочела, кој исчезнал во езерото Вико, недалеку од Рим.
Локалните и националните безбедносни служби се максимално мобилизирани на терен по сериозниот инцидент кој го крена алармот кај италијанската јавност.
Според првичните информации, Кавалари бил на чамец заедно со сопругата кога завршил во водата. Засега не е познато дали самиот скокнал или случајно паднал, а околностите на инцидентот сè уште се предмет на истрага.
Веднаш по пријавата на местото пристигнале карабинери, пожарникари, медицински екипи и спасувачки тимови, кои започнале интензивна потрага по исчезнатиот професор. На терен се користи соодветна опрема за пребарување на водната површина и длабочината на езерото.
Луиџи Кавалари во италијанската јавност е познат како угледен универзитетски професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Габриеле д’Анунцио“ во Кјети-Пескара. Тој и министерката Еугенија Рочела годинава одбележале 50 години брак.
Оваа трагедија доаѓа како тежок удар за министерката, која претходно во јавноста отворено говореше за нивната децениска поврзаност и заеднички живот.
Во едно од своите претходни интервјуа, Рочела изјавила дека со својот сопруг се запознала на 18-годишна возраст и дека оттогаш никогаш не се разделиле.
Потрагата продолжува со несмален интензитет и во текот на следните часови. Италијанските служби вложуваат максимални напори за што побрзо да го пронајдат исчезнатиот, но засега нема официјални информации за неговата состојба.

