Македонија бележи намалување на вкупниот криминалитет и постигната е вкупна ефикасност од 69 проценти во расчистувањето на делата, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во отчетот за сработеното во изминатите две години.
Според првиот човек на МВР, во изминатиот период се сузбиени над 30 организирани криминални групи кои дејствувале во различни области, вклучително и корупцијата, каде е забележан сериозен напредок.
„Бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти. Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период“, информираше Тошковски.
Значајни резултати се евидентирани и во делот на недозволената трговија со дрога, каде се запленети околу 6,2 тони наркотични супстанции, а заплените на кокаин бележат скок од над 300 проценти.
Во однос на имотниот криминал, тешките кражби и обичните кражби се намалени за повеќе од 30 отсто, додека кај разбојништвата падот изнесува над 40 проценти.
„Кај насилниот криминал, бројот на извршени убиства е намален за 4 проценти. Особено е значајно што, покрај тековното постапување, Министерството успеа да расветли и повеќе тешки убиства извршени во претходните години“, подвлече министерот.
На полето на управните служби, Тошковски нагласи дека целосно е стабилизиран и предвидлив системот за издавање лични документи преку отворање нови канцеларии и дигитализација.
Како еден од најкрупните безбедносни проекти беше посочен „Безбеден град“, чија примена започна на 2 февруари 2026 година во Скопје, Тетово и Куманово.
„Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележан намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година, преку системот се регистрирани над 120.000 сообраќајни прекршоци“, изјави Тошковски.
Како клучна капитална инвестиција во човечкиот капитал, министерот го најави повторното активирање на Средното полициско училиште од 1 септември оваа година за 25-тата генерација ученици.

