Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово даде детален отчет за сработеното во изминатите две години, потенцирајќи ги институционалните реформи и безбедносните резултати.
Настанот се одржа во Центарот за обука во Идризово, каде министерот се осврна на сите клучни сегменти од полициското работење во неговиот мандат.
Тошковски напомена дека МВР во овој период значително ги зајакнало капацитетите и ја унапредило борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Од првиот ден ја презедовме обврската безбедноста да биде највисок приритет. Изминатите две години се соочивме со бројни безбедносни предизвици, но покажавме дека со посветеност, интегритет и меѓународна соработка, може да се постигнат видливи резултати“, рече Тошковски.
Тој посочи дека зад презентираните податоци стои сериозен влог во модернизација на полициските структури низ целата држава.
„Инвестиравме во опрема, обуки и нови технологиии. Денешниот отчет не е само изнесување бројки, туку е фактичка потврда за трудот и професионалноста на полициските службеници и сите вработени во МВР. Свесен сум дека пред нас има уште многу работа, безбедноста е процес што бара многу посветеност. Затоа, ќе породолжиме со иста енергија, јасна визија и определба да изградиме современо МВР кое ќе одговори на предизвиците“, потенцира Тошковски.
Првиот човек на полицијата во своето обраќање испрати и директна порака за неселективно владеење на правото и еднаквост пред законите.
„Да се биде припадник на МВР не е само професија, туку чест и одговорност. Остануваме секојдневно во служба на граѓаните и државата. Нашата цел е безбедна држава, стабилен систем и силни институции“, истакна Тошковски.
Тој подвлече дека правилата мора да важат подеднакво за сите граѓани без исклучок.
„Само со почитување на законите и еднакво постапување за сите, ќе постигнеме резултати“, подвлече Тошковски.

