Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска на состанокот на Третиот управувачки комитет во рамките на Програмската рамка меѓу Сида и УНДП, истакна дека енергетската политика во земјава веќе не се однесува само на производство на струја.
На состанокот присуствуваа и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, како и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
„Македонија направи јасен стратешки избор: нашата иднина е зелена, енергетски сигурна и одржлива. Eнергетската политика повеќе не се однесува само на производство на електрична енергија. Таа се однесува на економската конкурентност, јавното здравје, заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на живот на нашите граѓани“, истакна министерката Божиновска.
Таа упати благодарност до Шведска и УНДП за поддршката, потенцирајќи дека партнерството помогнало во градењето посилни институции и развој на иновативни решенија.
„Владата останува цврсто посветена за резултатите постигнати преку овие напори да станат дел од нашите долгорочни национални политики. Заедно, не само што се справуваме со денешните предизвици — туку градиме почиста, позелена и попросперетитна иднина за Македонија“, рече министерката Божиновска.
Министерството ја става зелената транзиција во центарот на својата агенда преку забрзување на инвестициите во обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност.
„Го забрзуваме инвестирањето во обновливи извори на енергија, ги унапредуваме мерките за енергетска ефикасност и создаваме услови за постепена декарбонизација на нашата економија. Но, зелената транзиција мора да донесе видливи придобивки за луѓето. Чистата енергија значи почист воздух. Тоа значи пониски емисии, поздрави заедници и модерни општини кои се подобро подготвени да привлекуваат инвестиции и да создаваат можности за локален развој“, нагласи таа.
Програмската рамка Сида–УНДП, според Божиновска, е клучна бидејќи ги поврзува националните приоритети со локалната акција за премин од планирање кон конкретна имплементација на терен.

