Цените на нафтата продолжија да паѓаат во петокот, додека инвеститорите ги следат случувањата на Блискиот Исток, но сè повеќе се фокусираат и на изгледите за снабдувањето на глобалниот пазар.
Меѓународниот репер Brent за испорака во август поевтини за 2,03 отсто, спуштајќи се на 73,73 долари за барел, додека американската лесна нафта WTI падна за 2,11 отсто и се тргува за 70,4 долари за барел.
Пазарите реагираа воздржано и покрај новите информации дека Иран стои зад напад врз товарен брод под знаме на Сингапур во близина на брегот на Оман. Британската служба за поморска безбедност информираше дека во инцидентот нема жртви ниту еколошка штета.
Генералниот секретар на Меѓународната поморска организација, Арсенио Домингез, изјави дека привремено е паузирана имплементацијата на планот за евакуација на дел од бродовите, со цел повторно да се потврди дека се обезбедени потребните безбедносни гаранции за пловилата во регионот.
Тензиите меѓу Иран и САД дополнително се зголемија и поради несогласувањата околу употребата на средствата опфатени со меморандум за разбирање. Претседателот на иранскиот парламент ги отфрли тврдењата на администрацијата на Доналд Трамп дека одмрзнатите ирански средства ќе се користат за купување американски земјоделски производи.
Од друга страна, американски претставници тврдат дека евентуалното ослободување на средствата ќе остане под одобрение на Вашингтон и дека тие би биле наменети за купување американски земјоделски производи за потребите на иранското население.
И покрај ваквите ризици, цените се намалија бидејќи инвеститорите проценуваат дали дипломатските напори би можеле да го намалат ризикот од нарушување на снабдувањето, иако состојбата во Ормускиот Теснец останува неизвесна.
Скот Нејшнс, претседател на Nations Indexes, оцени дека пазарите можеби се премногу оптимистични, бидејќи, според него, многу прашања околу договорот меѓу САД и Иран остануваат нерешени.
Дополнителна неизвесност на пазарот носи и ситуацијата во ОПЕК. По заминувањето на Обединетите Арапски Емирати, сега и Ирак побарал повисока производствена квота и предупредил дека би можел да излезе од картелот доколку неговите барања не бидат прифатени.

