Македонија ја очекува нов топлотен бран, а за време на викендот и почетокот на следната седмица температурите на одделни места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Според прогнозата, утре времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност, проследена со дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната дневна температура ќе се движи од 29 до 37 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во делови од котлината попладне ќе има услови за краткотраен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневната температура ќе достигне до 35 степени.
Од сабота, под влијание на топла воздушна маса, времето ќе биде претежно сончево и многу топло. Температурите насекаде ќе бидат над 30 степени, а во најтоплите региони ќе достигнат и до 39°C.
Во вторник се очекува да се задржи топлото време, но со зголемена облачност и услови за пороен дожд, додека во среда се прогнозира благо намалување на температурите, проследено со нестабилно време, пороен дожд и грмежи.

