Објавувањето на доверливи дипломатски документи од страна на официјална Софија претставува сериозен безбедносен преседан, обвини денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
На прес-конференција, тој посочи дека споделувањето на овие информации директно влијае врз сигурноста на претседателот на Владата и неговите најблиски.
„Објавувањето на доверлива дипломатска комуникација од страна на Бугарија претставува сериозен преседан и неодговорен чин кој отвора прашања и за безбедноста на претседателот Христијан Мицкоски и неговото семејство“, изјави Петрушевски.
Пратеникот појасни дека во јавно објавениот документ се содржани чувствителни податоци, вклучувајќи детали за службените возила, лицата кои патувале, точната локација на престојот на семејството на премиерот, како и радиофреквенцијата што ја користело неговото обезбедување.
Според него, наместо соодветна реакција и извинување од бугарска страна, во јавноста е присутен молк, кој според него е карактеристичен и за лидерот на опозицијата.
„Но, уште погласен е молкот на специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче. Човекот кој со месеци ги релативизира бугарските позиции и настапува како нивен најгласен адвокат во Македонија, денес нема ниту еден збор или осуда за овој дипломатски скандал“, додаде Петрушевски.
Тој потенцираше дека претседателот на СДСМ не реагира дури ни кога преку дипломатски преседани се загрозува безбедноста на премиерот, ниту пак при негирањето на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Петрушевски заклучи дека пред претстојните предизвици на европскиот пат, државата мора да покаже единство и цврсти позиции.
„Македонија нема да отстапи пред ваквите притисоци. Напротив, ваквите постапки само ја зацврстуваат определбата државата да ги брани своите национални интереси, достоинствено и со крената глава“, нагласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

