Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) утрово информираше за состојбата со наврнат воден талог во изминатите 24 часа, заклучно со 8 часот денеска.
Според официјалните мерења, најмногу дожд падна во Гевгелија, каде се регистрирани 20 литри на квадратен метар. Во Претор наврнале 14 литри, 4 во Тополчани, 3 во Скопје-Петровец, како и по 1 литар во Охрид, Струмица, Штип и Кавадарци.
– Дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената – појаснија од УХМР.
Метеоролозите најавуваат дека во попладневните часови можна е изолирана појава на нестабилност проследена со дожд, грмежи и засилен ветер.
– Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 36 Целзиусови степени – соопштија од УХМР.
Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Сепак, во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме, а максималната температура ќе достигне до 33 Целзиусови степени.

